Прв божикен говор на кралот Чарлс: Треба да им помогнеме на сиромашните!

Британскиот крал Чарлс Трети во неговото прво божикно обраќање говореше за економската криза која ги засега трошоците за живот на обичниот човек. Ги спомена и големата анксиозност и тешкотиите на оние што се борат да ги платат сметките и да му обезбедат храна и греење на семејството.

За време на неговиот говор во капелата „Свети Ѓорѓи“ во Виндзор беа прикажани фотографии од банките за храна и помош за бездомниците.

Тој и оддаде почест на неговата мајка, Кралицата Елизабета Втора, која е погребана во капелата.

Кралот Чарлс говореше и за грижата за загрозените, важноста на јавните служби и даде поддршка на мултирелигиозното општество.

За време на неговиот говор во телевизискиот пренос беа прикажани само „официјалните членови на кралското семејство“ – кралицата сопруга Камила, принцот и принцезата од Велс, грофот од Весекс и принцезата Ана.

Принцот Хари и Меган не беа споменати.

Кралот посебно им оддаде почест на прекрасните луѓе кои великодушно делат храна и донации на сиромашните.

Бакингемската палата соопшти дека средствата добиени по смртта на Кралицата Елизабета Втора се донирани во добротворни цели како помош на луѓето што не можат да си ги платат сметките за електрична енергија.