Прв академски час на универзитетите, фокусот ставен на медицината

Без официјална бројка на запишани бруцоши на универзитетите, но со свечени церемонии на повеќе факултети почна новата академска година.

Иако најавени, доцнат реконструкциите на скопските студентски домови, а според првиот човек во Образование, проблемот се имотно-правните односи.

Главната церемонија беше на Медицинскиот факултет во Скопје, каде според податоците од деканот, годинава се запишале над 900 студенти. Тој на идните доктори им порача дека влегуваат во најинтересниот период во медицината.

-Влегувате во светот на медицината во век кога истата продира во најголемите длабочини на човековиот геном, во време на роботизација и воведување на минимално инвазивни процедури. Во време кога медицината е одговорна, не само за здравјето на пациентите, туку и на општеството во целина, вели Светозар Антовиќ, декан на Медицинскиот факултет при УКИМ.

Иако државата кубури со медицински кадар кој постојано се сели надвор, особено во Германија, премиерот Ковачевски рече дека Македонија не мора да се грижи дека во иднина ќе има дефицит на лекари.

-Вам почитувани студенти на Медицинскиот Факултет, идни лекар, посебно сакам да ви порачам дека сте многу важни. Избравте хумана професија што од Вас ќе бара многу учење, и откажување на личен план, а во името на другите. Утре Вие ќе бидете тие кои ќе се грижете за сите ваши сограѓани, рече Ковачевски.

Најстариот универзитет во државата континуирано паѓа на меѓународните рангирања, но новата ректорка уверува дека УКИМ ќе се погрижи студентите да ги добијат најновите знаења.

-УКИМ бил и ќе остане средина каде се зацврстува и унапредува научната мисла, а наша задача желба е континуирано да ви ги пренесуваме најновите знаења и да ве воведуваме во нова развојна етапа која бара сериозен пристап, зашто суштински ќе ви ги дефинира и насочи вашите животи, вели ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова.

Според анализите на УКИМ, секоја година околу 35% од матурантите се запишуваат на најстариот универзитет во државата. Од година во година сè повеќе матуранти се одлучуваат своето образование да го продолжат во странство, особено Словенија. Но, државата не води официјална статистика за нивната бројка. Неофицијални проценки за минатата година велат дека околу 1.500 студенти се запишале надвор.