Прво обраќање на Ненси Пелоси откако го нападнаа нејзиниот сопруг: Демократијата ќе победи!

Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, во своето прво јавно појавување по нападот врз нејзиниот сопруг изјави дека претстојните конгресни избори се борба за демократија и дека таа ќе победи, пренесува АП.

Пелоси рече дека Демократската партија не се бори само за победа на овие избори, туку и за зајакнување на демократијата.

Пелоси за време на видео-обраќањето рече дека закрепнувањето на нејзиниот сопруг Пол (82) ќе трае долго и им се заблагодари на сите што му помогнале. Пол Пелоси се здоби со фрактура на черепот и други помали повреди, откако напаѓач минатата недела упадна во нивниот дом во Сан Франциско и го нападна со чекан. Надлежните оценија дека станува збор за намерен и политички напад.

Пелоси зборуваше од Калифорнија, каде што нејзиниот сопруг беше пуштен од болница во четвртокот. Изборите за американскиот Конгрес ќе се одржат на 8 ноември.