
Први реакции на опозицијата околу можноста за отворање на бегалски кампови во Македонија
„Нашиот став е дека таквото нешто не треба да се прифати и остануваме на тоа“, вели за „Трилинг“ Каја Шукова, потпретседателка на СДСМ. „Мислам дека Балканот и нашата држава не смее да стане никаков хаб за мигранти, бидејќи ние никому не сме му ни предизвикале војна во неговиот регион и не треба никого ние да затвораме по кампови“, вели кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ.
Британските весници јавуваат дека покрај во Косово и во Македонија ќе бидат отворени центри за мигранти. Дали стратешкиот Договор со Велика Британија може да го отвори патот кон отворање на бегалски кампови?
„И кога се отвори таквото прашање дали е тоа прифатено од страна на ВМРО-ДПМНЕ како најголема партија во централната власт, нашиот став е дека таквото нешто не треба да се прифати и остануваме на тоа“, вели за „Трилинг“ Каја Шукова, потпретседателка на СДСМ.
За кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на Левица, Амар Мециновиќ отворање на мигрантски камп е пред сѐ нехумано.
„Тоа се луѓе кои се собираат како да не се луѓе во кампови. Не можеме да бидеме слепи на фактите. Сите тие мигрантски кризи ги произведуваат нестабилни региони, војни кои се заради нечии други интереси. Тие луѓе кои одат во Европа не одат заради намери, баш напротив за желба за подобар живот. Така што мислам дека Балканот и нашата држава не смее да стане никаков хаб за мигранти, бидејќи ние никому не сме му ни предизвикале војна во неговиот регион и не треба никого ние да затвораме по кампови. Тоа се луѓе со кои Македонија нема никакви проблеми и сметам дека таа политика е нечовечка“, вели за „Трилинг“, Мециновиќ.