Еден ден откако официјално ја презема функцијата, Гордана Силјановска-Давкова денеска во вилата „Водно“ ќе ја одржи првата средба во улога на претседателка на државата.
Новата претседателка, како што соопштија од нејзиниот кабинет, ќе ги прими на средба ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот во Тетово и „Мајка Тереза“ – Скопје.
Во вилата „Водно“ вчера се одржа церемонија за примопредавање на функцијата претседател на државата. Дочекот на новата претседателка беше придружен со највисоки државни и воени почести, а по примопредавањето на функцијата Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова одржаа тет-а-тет средба.
Пендаровски ѝ ја честитал победата на Силјановска-Давкова и ѝ посакал успех во извршувањето на функцијата.
Претходно вчера, новата претседателка беше инаугурирана во Собранието каде што даде заклетва пред државниот врв, стариот пратенички состав, претставници на дипломатскиот кор и верските лидери.