Прва средба на Европската политичка заедница – на маса Украина и енергетската криза

Во Прага денеска за првпат ќе се одржи средба на Европската политичка заедница, на неа ќе учествуваат 44 лидери од сите земји од континентот во широка смисла.

Од Обединетото Кралство до Азербејџан, Ерменија и земјите од Западниот Балкан, во Прага утре се состануваат 44 делегации да дискутираат за крупните предизвици со кои се соочува континентот. На состанокот учествуваат и шесте земји од Западен Балкан, каде најгорлива тема се поскапувањата и енергетиката.

Северна Македонија, Србија и Албанија веќе на ЕУ и ставија до знаење дека им е потребна помош во справувањето со енергетската криза минатата недела во Софија.

Висок дипломатски извор за МИА вчера изјави дека планот е да им се помогне на земјите од регионот да се придружи кон енергетската платформа на ЕУ.

-Барањето за учество во енергетската платформа на ЕУ за трети земји пристигна уште во март, тоа е намерата, малку се забави, но повикот од страна на Европскиот совет е јасен, тоа го истакна и претседателот Вучиќ, и треба да се обнови, изјави дипломат од ЕУ.

Енергетската платформа на ЕУ, која стартуваше во првата половина од оваа година, има за цел да им помогне на земјите членки во диверзификацијата на изворите на енергија и да се координираат за набавка на енергенси преку доброволно заедничко купување на гас и хидроген. Ова е една од алатките кои треба да помогнат да се намали зависноста од рускиот гас.

Ова не се однесува на горливото прашање со струјата за кое Северна Македонија исто така побара помош и од соседна Бугарија и од Европската комисија, по моделот на помошта за време на набавката на вакцини против Ковид-19.

Претседателот Пендаровски спомена „компензациски фондови“ за да се обештети државата ако мора да купува електрична енергија по берзанска цена.