Првата рунда разговори во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина, во која заедно со европските посредници учествуваа и српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Аабин Курти, заврши по речиси два часа.
Дијалогот на највисоко политичко ниво се одржува во Брисел на кој присуствуваат шефот на европската дипломатија Жосеп Борел и претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Како што информираат од РСЕ, по заедничката средба следеле одвоени билатерални средби меѓу претставниците на Белград и Приштина со европските посредници, по што се очекува повторно трилатерална средба во текот на денот.
Засега нема официјални изјави, но од фотографиите и видеата од почетокот на средбата можеше да се види дека атмосферата, барем кога се во прашање Вучиќ и Курти, била студена.
Иако САД не учествуваат во дијалогот, тие внимателно следат се, па во зградата на Европската служба за надворешни работи во Брисел е и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
На трилатералната средба (Белград, Приштина и ЕУ) претходеа одвоени средби меѓу Борел и Вучиќ и Курти.
Шефот на европската дипломатија пред заедничката средба изјави дека очекува двајцата лидери да бидат отворени и флексибилни за да се постигне заеднички став.