Првата електронска алка ќе ја носи 79-годишен велешанец, осуден на 3 месеци куќен затвор

➡ Велешанецот е осуден откако бил кривично гонет за полово вознемирување.

Седумдесет и деветгодишен велешенец е првиот осуден во државата на куќен затвор, поради што и наскоро ќе биде првиот кој со електронска алка на ногата ќе ја издржува 3 месечната казна во својот дом.

Информацијата за „Фокус“ ја споделуваат од Управата за извршување на санкции.

-Првата пресуда со која е изречен куќен затвор е донесена од страна на велешкиот суд. Истата се однесува за 79 годишно осудено лице на кое му е изречен куќен затвор во траење од 3 месеци. Лицето бараше судот да го одложи извршувањето, но истото е одбиено, што значи дека пресудата набрзо ќе почне да се извршува, односно по подготовка на индивидуална програма од страна на пробациски службеник ќе биде поставена опремата за електронски надзор на осуденото лице, одговорија за „Фокус“ од Управата за извршување на санкции.

Велешанецот е осуден откако бил кривично гонет за член 190-а, став 2 од КЗ, односно за полово вознемирување.

Во мај годинава, директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, најави дека во функција се ставаат електронските алки, односно можноста во Македонија да имаме затвореници во куќен затвор кои ќе бидат под електронски надзор.

Тој тогаш посочи дека алките се голема работа со оглед дека во затворите низ земјава имаме 2300 затвореници и 400 притвореници. Во дел од затворите има над 100% исполнетост на капацитетот и оттаму основната намена на алките е да се намали затворската популација.

Тогаш беше споделен и податок дека 60 осуденици веќе аплицирале за да добијат алки.

Електронските алки за издржување казна куќен затвор ставени во функција