Првата дама на САД Џил Бајден е позитивна на ковид -19 и има „благи симптоми“, соопшти денес Белата куќа, објави Асошиетед прес. Претседателот Џо Бајден продолжува да биде негативен откако неодамна го прележа вирусот, но ќе носи маска во затворен простор 10 дена како мерка на претпазливост.
Семејството Бајден се одмора во Јужна Каролина од 10 август, а 71-годишната прва дама почнала да чувствува симптоми вчера. Џил Бајден, како и претседателот Бајден, е двапати вакцинирана и двапати бустирана со вакцината на „Фајзер“. Нејзе ѝ е препишан антивирусен лек Паксловид и ќе се изолира најмалку пет дена.
„Блиските контакти на првата дама се известени“, рече нејзиниот директор за комуникации Елизабет Александер, во изјавата.
„Таа моментално престојува во приватна резиденција во Јужна Каролина и ќе се врати дома откако ќе добие два последователни негативни тестови за ковид“.