Пратеници од РСМ под кинески „ургенции“ да не одат во Тајван

Осум пратеници од најмалку пет земји, меѓу кои и од Северна Македонија, примале е-пошта и/или телефонски повици од дипломатски претставници на НР Кина, со цел да бидат убедени да не патуваат на самит на Интерпарламентарната алијанса за Кина (ИПАК) што се одржува во Тајпеј, Тајван, пишува ДВ.

Дел од пратениците откриле дека било контактирано дури и нивното партиско раководство, со цел да им се изврши дополнителен притисок. Еден пратеник, пак, специјално бил поканет да патува во НР Кина само за да не патува во Тајван.

Притисокот врз состанокот на ИПАК предизвика многу реакции. На веб-страницата на оваа Интерпарламентарната алијанса се изразува жалење и се осудува обидот на НР Кина да се меша во четвртиот Годишен самит на ИПАК на 30-ти јули, на кој ќе учествуваат 48 пратеници од 24 земји од 5 континенти. Според домаќините, тоа ќе биде најголемата парламентарна делегација што некогаш го посетила Тајван во институционален капацитет.

На листата делегати на самитот на ИПАК се и двајца пратеници од РСМ – Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Фатмир Битиќи од СДСМ. Агенцијата Асошиејтед прес имала увид во порака испратена до пратеникот Милошоски.

„Jaс сум Ву, од кинеската амбасада. Слушнавме дека сте добиле покана од ИПАК, ќе присуствувате ли на конференцијата што ќе се одржи следната недела во Тајван?“, гласела пораката што ја добил Милошоски.

Слични пораки биле испратени до пратеници од Босна и Херцеговина, Словачка, Боливија, Колумбија… Според нив, во некои случаи имало нејасни прашања околу нивните планови да патуваат во Тајван, а во други случаи, контактот бил позаканувачки.

„Тие стапија во контакт со претседателот на мојата политичка партија и го замолија да ме спречи да патувам за Тајван“, обелоденува Санела Клариќ, член на парламентот во Босна и Херцеговина.

„Тие се обидуваат, во мојата земја, да ме спречат да патувам. Ова навистина не е во ред. Навистина се борам против земји или општества каде што алатката за манипулирање и контрола на луѓето е стравот“, потенцира Клариќ.

Тоа ја потсетило на заканите и заплашувањата со кои се соочила додека страдала низ војните во БиХ во 1990-тите.

„Навистина го мразам чувството кога некој те плаши“, изјавила таа објаснувајќи дека притисокот бил непријатен, но само ја зголемил нејзината решеност да оди на патување.