Пратениците изгласаа новиот рок за изградба на делницата Кичево – Охрид да се донесе по скратена постапка

Со 78 гласа „за“ Собранието на денешната 150. итна седница го изгласа предлогот на Владата по скратена постапка да се донесат законските дополнувања, односно новиот анекс на договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за пролонгирање на рокот за завршување на изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид.

Потребата од донесување на дополнувањата на законот ги образложи министерот за транспорт и врски – Благој Бочварски. Новиот краен рок до кога треба да бидат завршени градежните работи на автопатот Кичево – Охрид е 31 декември 2026 година.

„Предлагаме како Влада по скратена постапка, согласно членот 170 од Деловникот за работа на Собранието да се продолжи рокот за реализација на проектот за изградбата на автопатот Кичево-Охрид од причина што овој Закон со кој е донесен и се гради овој автопат не е обемен и се работи за Закон со кратка содржина. Законот не повлекува дополнителни финансиски импликации“ – рече Бочварски.

Како основа за предлогот за продолжување на рокот за изградба на делницата, Бочварски ги наведе и добиените мислења од надзорот на изградбата на делницата и ФИДИК-експертот што го ангажираше Јавното претпријатие за државни патишта и Владата. Причините за пролонгирање на рокот за завршување на делницата, додаде тој, се добро познати на јавноста, а тоа се 13 нови свлечишта, за што е потребно ново проектирање и технички решенија.

„Според добиените дописи и мислења од страна на надзорот и ФИДИК-експертот кој беше ангажиран од страна на Јавното претпријатие за државни патишта и Владата прогресот на работите е 83,84 проценти, со што се предлага Владата да предложи до Собранието продолжување на рокот за реализација на овој проект. Причините за продолжување на рокот за реализација на овој проект се добро познати за јавноста, поради појавувањето во најголем дел на 13 нови свлечишта на самата траса за кои е потребно дополнително проектирање, технички решенија со цел да се решат пропустите во техничката документација коишто се појавија при реализацијата на овој проект“ – рече министерот.