Пратениците донесоа повеќе закони, меѓу кои и измените на законите за безбедност во сообраќајот и за прекршоците

Собранието попладнево во рамки на 68. седница без расправа и едногласно донесе повеќе закони, сите во второ читање. Донесени се измените на Законот за употреба на знаковниот јазик, на Законот за социјална сигурност за старите лица, на Законот за инвалидски организации и на Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци.

Собранието попладнево во рамки на 68. седница без расправа и едногласно донесе повеќе закони, сите во второ читање. Донесени се измените на Законот за употреба на знаковниот јазик, на Законот за социјална сигурност за старите лица, на Законот за инвалидски организации и на Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци.

Пратениците ги изгласаа и измените на Законот за обележување, уредување и одржување на гробиштата и гробовите на борците погребани на територија на Република Македонија и во странство, како и на припадниците на странските армии од поранешните војни на територија на Република Македонија, на Законот за материјално обезбедување на учесниците во Народноослободителната војна, на Законот за правата на прогонуваните и затворaните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства, на Законот за правата на носителите на „Партизанска споменица 1941“, на лицата одликувани со Орден на народен херој и на борците од Шпанската националноослободителна и револуционерна војна од 1936 до 1939 година. Донесени се и измените на Законот за семејството и на Законот за вработување на инвалидни лица.

Пратениците ги изгласаа и измените и дополнувањата на Законот за социјалната заштита, на Законот за странци, како и Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за дополнително финансирање на Проектот за унапредување на основното образование.

Народните избраници го изгласаа Дополнетио предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците. Со овој Предлог на закон се предвидува можност за примена на новите технологи (систем за детектирање преку технички средства и уреди за снимање) кои можат да бидат добра алатка за брзо и ефикасно детектирање на сообраќајните прекршоци и спроведување на процесот на санкционирање на истите.

Со него се предвидува можност за изрекување на негативните поени заедно со глобата покрај можноста за изрекување на
негативни поени како замена за изречена глоба. – Од искуствата на другите европски држави во областа на сообраќајот негативните поени во најголем број случаи се изрекуваат заедно со изречената глоба, па поради тоа се придвидува ваквата можност која дополнително ќе биде разработена во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и во некои други области доколку е потребно, велат предлагачите.

Се регулираат и висините на глобите за физичките лица како сторители на прекршоци во областа на безбедноста на
сообраќајот, бидејќи, од досегашната пракса и примена на Законот, а особено поради зголемениот број на сообраќајни прекршоци со потешки последици, констатирано било дека сегашните глоби не се соодветни за ваков вид прекршоци, поради што се дава можност тие да бидат повисоки (трикратен износ од износот предвиден за прекшроците од полесен вид).

Исто така, со предложените измени и дополнувања, се менува членот 28 кој се однесува на санкцијата „престанок на важење на возачка дозвола“. -Со оглед на тоа што овој член од Законот во моменов е неприменлив во еден дел (негативни поени), а во останатиот дел беше нецелосно уреден, со предложените одредби целосно се уредува. Имено, оваа санкција е предвидена и во случаи на кумулирање на повеќе од две санкции „забрана на управување со моторно возило“. Во овој член од Предлогот на законот се предвидени и роковите за изречената забрана, како и начинот на кој ќе се врши доставата на известувањата и одлуките на судот помеѓу сторителот на прекршокот, Министерството за внатрешени работи и судовите пред кои ќе се води постапката, се вели во образложението на предлог законот.

Како што меѓудругото, предвидуваат измените и дополнувањата, Судот ќе изрече прекршочна санкција престанок на важење на возачка дозвола за сторен сообраќаен прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција забрана за управување на моторно возило, доколку возачот во последните четири години има најмалку две правосилни прекршочни санкции – забрана за управување со моторно возило од истата категорија, сметано од денот на правосилноста на одлуката за првата прекршочна санкција. Сторителот на кој му е изречена прекршочна санкција престанок на важење на возачка дозвола од определена категорија не може да отпочне со постапка за полагање на возачки испит за истата категорија, пред истекот на 12 месеци од денот на престанокот на важењето на возачката дозвола.

На седницата беа донесени и закони со европско знаменце, измените и дополнувањата на Законот за енергетска ефикасност, на Законот за работното време на мобилните работници во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај и на Законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор.

Пратениците ги изгласаа и Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на Државниот завод за ревизија за 2024 година, Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2024 година и финансиски извештаи за 2024 година и Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво за 2024 година.

По пауза од половина час, во рамки на продолжението на 68-та седница, пратениците го донесоа и Законот за изменување и дополнување на Законот за иновациската дејност, научно-технолошки развој и претприемништво, по скратена постапка, по што  потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски ја прекина седницата и рече дека за нејзино продолжување пратениците ќе бидат дополнително информирани.

Собранието претходно попладнево со 73 гласа „за“ и ниту еден „против“ изгласа Декларација за одржување фер, слободни и демократски избори за членови на советите и за градоначалници на општините и на Град Скопје.