Пратениците добија најниска европска оценка

Закочената работа на Собранието е меѓу главните забелешки во најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија и за нејзината подготвеност да ги преземе обврските за членство во ЕУ, каде што се нотирани забелешките за недоволно носење закони, премногу зачестеното користење на скратената постапка под европско знаменце, како и премалата употреба на институтот пратенички прашања, а токму овие забелешки вчера беа во фокусот на владејачката СДСМ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ опозицијата и нејзината „активна блолада“ е виновна што законодавниот дом е неефикасен, а од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и ЕК го препознала самоволието на спикерот Талат Џафери.

Според вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, анализата на Извештајот покажува дека земјата има одржливи реформи и препознаен напредок, а според меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски, документот ја покажува системската негрижа на Владата за спроведување на реформите во општеството.

Маричиќ вчера истакна дека функцијата на Собранието е многу важен елемент од темата „Функционирање на демократските институции“, што постојано се наведува во европските извештаи, но сега сето тоа се издигнало на ниво на една од клучните три теми за кои ќе се прави патоказ за реформи.

– Законите во Собранието не се носат на сила, туку со мнозинство. Ние како владејачко мнозинство секогаш се обидуваме да се почитуваат процедурите и да има доволно простор и за дискусија и за предлози и тоа го покажавме преку прифаќање одредени амандмани од опозицијата за некои предложени закони. Сепак, не можам да се согласам дека вината е на Владата, доколку пратеници од опозицијата решат да одолговлекуваат со избор на уставни судии, што никогаш во историјата не се случило. Во Извештајот има јасна критика за доцнење при носењето на законите за што причина се блокадите од опозицијата – рече Маричиќ.

Вицепремиерот рече дека, како главен преговарач, ќе држи подадена рака, особено кон Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава опозицијата. Потребно е, додаде тој, заедно со Националниот совет да дефинираат дали ова тело ќе има иста или поголема улога во преговорите со ЕУ, како и да ја договорат реформската агенда што Владата ќе ја предложи по усвојувањето на Извештајот.

– Заедно да ги утврдиме мерките врз база на наодите и тие мерки кога ќе се усвојат, да течат без блокади и таму каде што е можно и со поддршка од опозицијата. Потребен е одговорен пристап во интерес на државата и да не трпи европската агенда поради партиските разлики, што се отсликуваат во Собранието – рече Маричиќ.

На заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир, вицепремиерот оцени дека Македонија, како земја што преговара за полноправно членство и е во процес на скрининг, доби позитивен годишен извештај на Европската комисија, прв по отворањето на преговорите во јули годинава. Гир во своето обраќање посочи дека е потребен напор од сите политички партии за да се засили улогата на Собранието.