Пратениците ги ратификуваа договорите за признавање на личните карти и дипломите во земјите од Западен Балкан

Пратениците на денешната седница ги ратификуваа договорите за меѓусебно признавање на личните карти, за признавање на универзитетските дипломи и за признавање на професионалните квалификации на лекарите по медицина, дентална медицина и архитектите во рамки на земјите од Западен Балкан.

Владата пред еден месец го одобри текстот на предлог-законите за ратификација на договорите, по што тие беа испратени во Собранието.

Договорот за признавање на личните карти ги олеснува условите за патување со поедноставување на административните процедури за влез, транзит и краток престој само со лична карта, обезбедува еднаков третман за сите граѓани од регионот и ги укинува сите постоечки визи во Западен Балкан.

Со договорот за признавање на универзитетските дипломи се воспоставуваат заеднички правила и процедури за признавање на високообразовните квалификации, се овозможува мобилност на студентите и академскиот кадар на Западен Балкан, се скратува периодот за донесување одлука за признавање на најмногу 14 дена и се укинуваат постојните давачки за студенти за поднесување барања за признавање на високообразовните квалификации. Овој договор се однесува на државните универзитети и постепено ќе се проширува и на приватните.

Договорот за признавање на професионалните квалификации го олеснува движењето на професионалците низ регионот и овозможува обезбедување услуги на лекари, стоматолози и архитекти во Западен Балкан.