Правда ќе испитува зошто раководителка во Министерството пријавила новинарка во полиција

Министерството за правда формирало дисциплинска комисија која ќе го испита целиот случај во врска со повикувањето на новинарката Соња Колевска-Делевска во полициска станица за објавен текст, пишува денеска „Сакам да кажам.мк“.

„Министерството за правда ќе ја преиспита постапката на раководителката и ќе преземе сè што е во рамките на надлежностите и ингеренциите, а во најкус можен рок и ќе се произјасни. Министерството за правда ќе направи сè за да ја заштити слободата на изразување и говор, која е неприкосновено право во секое демократско општество” – се вели во денешното соопштение.

По текстот објавен на 27. минатиот месец во кое адвокатка обвини дека раководителка во Министерството ѝ побарала приватна услуга се огласи Министерството за правда, кое ги упати засегнатите страни да се обратат до надлежните органи.

„Во однос на наводите на адвокатка дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во Министерството за правда, ве информираме дека за тоа прашање постојат надлежни институции, каде што засегнатите страни можат да се обратат“ – рекле тогаш од кабинетот на министерот за правда – Никола Тупанчески.

По покана доставена во саботата од вооружени полицајци на домашна адреса, новинарката Соња Колевска-Делевска вчера била во полициската станица „Беко“ во Скопје на службен разговор во врска со поплака за објавен текст.

Пријавата ја поднела државна службеничка, раководителка на едно од местата во Министерството за правда, која, како што кажала, почувствувала вознемиреност по нејзините здравје и углед по текстот „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во Министерството за правда, а откако одбила, била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат“, објавен „Сакам да кажам.мк“ на 27 април 2022 година.

И Одделот за внатрешна контрола на МВР ќе испитува зошто Соња Колевска-Делевска била повикана на службен разговор во полициска станица.