По 27 години истрага, уапсен маж во врска со убиството на легендарниот рапер Тупак

Полицијата на Лас Вегас уапси маж во врска со убиството на легендарниот рапер Тупак Шакур пред речиси три децении. Шакур имаше само 25 години кога беше застрелан од автомобил во движење во Лас Вегас во септември 1996 и почина шест дена подоцна. Идентитетот на убиецот оттогаш беше мистерија.

Од полицијата на Лас Вегас го потврдија апсењето, додавајќи дека 60-годишниот Двејн Кифи Ди Дејвис, поранешен лидер на банда и познат дилер на дрога од Лос Анџелес, е обвинет за убиство со употреба на смртоносно оружје.

Дејвис, чиј покоен внук Орландо Андерсон исто така се сметаше за осомничен во овој случај, долго време им бил познат на истражителите. Во неколку интервјуа и во свои мемоари тој тврдеше дека бил во белиот „кадилак“ од кој беше пукано на Шакур.

Ова следува повеќе од два месеца откако полицијата изврши претрес во домот на сопругата на Дејвис, барајќи докази за смртта на Шакур. Притоа биле запленети неколку компјутери, телефон, хард диск и повеќе куршуми.

Шакур го објави својот дебитантски албум во 1991, кој се продаде во 75 милиони копии низ светот и потоа стана една од најголемите ѕвезди на хип хопот.