По 2.000 евра оштета за возачите заглавени на автопатот во Атина
Грчките власти овозможија – возачите кои со часови останаа заглавени со нивните автомобили на автопатот што ги поврзува предградијата во Атина да добијат оштета од 2.000 евра, а по 1.000 ќе биде оштетата за патниците кои останаа заглавени во возовите поради прекинот на железничкиот сообраќај.
Снежната бура во Грција од која најпогодена беше областа Атика, поширокиот регион на Атина, создаде низа проблеми, а дел од нив се уште не се санирани иако снегот престана да паѓа.
Повеќе атински населби се уште се без електрична енергија, од јавниот превоз во Атина функционира само метрото, трамвајот сообраќа само во еден дел од линијата, а автобусите и тролејбусите од вчера попладне се повлечени, јавуваат тамошните медиуми.
На автопатот „Атики одос“ што ги поврзува атинските предградија, каде што беа заглавени околу 1.800 автомобили и околу 3.500 граѓани над 12 часа останаа заглавени, синоќа беше активирана војската која во текот на целата ноќ интервенираше за да им помогнат на возачите, а операцијата продолжи и утрово.
Конкретниот автопат е во сопственост на приватна компанија и министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилијанидис рече дека целата одговорност за хаосот на автопатите ја носи компанијата.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис побара, а компанијата се согласила на секој заглавен автомобил да му исплати оштета од по 2.000 евра.
Проблеми со заглавени автомобили, освен на конкретниот автопат, имаше и на неколку атински булевари.