„По 16 затвореници спијат на 8 кревети во `Идризово`, врие од лебарки и бубашваби“

Народниот правобранител Насер Зибери денеска на прес-конференција го презентираше Извештајот-Национален превентивен механизам за 2021 година во кој се прикажани состојбите полициските станици, затворите и психијатриските установи.

Во него презентира дека во „Идризово“ состојбата е повеќе од загрижувачка и под сите минимални стандарди.

„Во оваа установа се наоѓаат скоро половина од популацијата која издржува казна затвор, овој проблем уште повеќе добива во сериозност. При увидот во оваа установа увидовме дека се сместуваат и по 16 лица во една просторија. Во 16 метри квадратни, со 8 кревети, имаше 16 осудени лица. Во друга просторија од 19 квадрати имаше 12 лица. Во голем дел од просториите условите се неадекватни а се сместуваат повеќе од 9 лица. Хигиената е лоша, има лебарки, бубашваби, тафтаби, немаат пристап до топла вода и нема можност за одржување на лична хигиена. Ова влијае и за тензичната атмосфера и затоа често има тепачки. Во однос на материјалните услови загрижувачка е и состојбата во затворот во Шутка, простории во исклучително лоша состојба, а за кои веќе е укажано дека треба да се затворени. Полни се со влага, мувла со несоодветни кревети и душеци, расипани чешми“ вели Зибери.

Тој презентираше дека „затворската полиција не успева да превенира ниту тепачки, а народниот правобранител добил информации дека службеници се вклучени во коруптивни дејствија, како и дека затвореници плаќаат за да бидат префрлени во институции со подобри услови, вели Зибери и додава дека посебен проблем е несоодветното однесување и деградирачкиот третман од вработените кон затворениците, а во три казнено-поправни установи Народниот правобранител добил информации дека затворениците биле заплашувани со физичко малтретирање“.

„Во затворот Скопје се користат простории кои се лоши, а кои Националниот превентивен механизам и минатата година укажа дека треба да бидат затворени и да не се користат. Притворениците се сместени во простории во простории со мувла по ѕидовите, каде има стар инвентар, ниско ниво на хигиена, со расипани чешми. Притворениците се жалат на пристапот до вода, кој не е решен. Затворениците складираат вода во пластични шишиња“ – додава Зибери.