Eкс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во најава за интервјуто за „360 степени“ вели дека фотографијата на која таа е со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не е злоупотребена.
„Не, не, апсолутно не, како може да ме злоупореби некој?“, одговара Јанкулоска.
Таа претходно кажа дека средба со Мицкоски или со било кого, може да се случи само кога е на домашно отсуство.
„Средба силна колку Горде. Неправдата никогаш не нè скршила!“, напиша Мицкоски на својата Фејсбук страница, објавувајќи фотографија со Јанкулоска, која одлежува затворска казна во затворот Идризово.
Јанкулоска е осудена во предметот „Тенк“, а нејзиниот адвокат Влатко Илиевски изјави дека таа го користи вториот дел од годишниот одмор и средбата со Мицкоски се одржала во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
Мицкоски кажа дека ќе му биде чест и некој друг викенд да се сретнат со Јанкулоска.