По синоќешните масовни демонстрации, Вучиќ ќе и се обрати на нацијата
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ќе и се обрати на јавноста по масовните демонстрации синоќа против ископувањето на литиум.
Демонстрантите синоќа ја блокираа пругата на железничката станица Нов Белград за време на протестот против најавата за ископ на литиум, а утринава по пристигнувањето на полицијата се повлекоа од пругата.
На железничката станица во Белград утринава имаше околу 50 демонстранти на пругата, каде имаа шатори и транспаренти, а бидејќи на местото беше испратена полициска бригада, демонстрантите се оддалечија кон околните улици.
Привремено беше блокиран и автопатот низ главниот град што води кон Ниш и Загреб. Блокадата на автопатот беше прекината по инцидентот кога возач влета со својот автомобил во толпата, при што беа повредени тројца демонстранти, од кои едниот имаше скршеница на ногата, јавуваат белградските медиуми во текот на ноќта.
На протестот му претходеа собири на илјадници луѓе во педесетина градови и населени места низ Србија, откако на 1 август истече рокот од 40 дена што Алијансата на еколошките организации на Србија (СЕОС), еколошките движења и здруженија и ги дадоа на владата да го усвои законот.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ ги нарече демонстрантите „кукавици и лажговци“ и на социјалната мрежа „Х“ им порача дека се „распадната банда“ и дека „отворено и монструозно му се закануваат на претседателот Александар Вучиќ со смрт“.
„Нема да го исплашите! И нема да дозволиме да ја загрозувате Србија заради личните интереси поддржани од (косовскиот премиер Албин) Курти, усташите и странските служби“, рече српскиот премиер.
Вучиќ претходно изјави дека властите добиле информации од Русија дека се планира државен удар во Србија, што го споменаа агенциите Ројтерс и Асошиетед прес во вечерашните извештаи од Белград.
Организацијата Архива на јавни состаноци процени дека во саботата вечерта во центарот на Белград се собрале повеќе од 40.000 луѓе, додека српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ во изјава процени дека има „меѓу 24.000 и 27.000“.
Тој ги обвини организаторите на средбата дека „со нарушување на јавниот ред и мир и блокирање на меѓународниот сообраќај, ја загрозиле безбедноста на граѓаните по рецептот на обоените револуции“.
Против сите сторители на кривични дела и прекршоци ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави“, рече Дачиќ.