По посетата на Пелоси, Кина започна со најголемите воени вежби околу Тајван во последните 27 години

Откако претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, замина од Тајван, Кина започна воени вежби кои претставуваат најголемите воени маневри организирани околу овој остров што кинеските власти го сметаат за своја територија.

„Вежбите почнуваат“, наведе кинеската телевизија ЦЦТВ во порака објавена на социјалната мрежа Веибо.

Вежбите кои ги започна кинеската војска се реализираат во шест зони околу Тајван кои важат и за фреквентни комерцијални рути. Како што наведе телевизијата, ќе траат до недела попладне, а некои ќе бидат и на само 20 километри од тајванското крајбрежје.

Тајванската војска соопшти дека се подготвува за војна без да ја бара.

Весникот „Глобал Тајмс“ повикувајќи се на воени аналитичари за вежбите наведе дека се без преседан бидејќи ракети првпат ќе го надлетуваат Тајван. Овие вежби за кои подготовките почнаа и за време на посетата на Пелоси се сметаат за одговор на доаѓањето на Американката на островот, што Кина го смета за сериозна провокација. Иако функционерската од САД беше на Тајван помалку од 24 часа, нејзината посета предизвика бес кај Пекинг со оглед дека станува збор за највисокиот државен функционер од САД кој доаѓа во Тајпеј во последните 25 години.

Пелоси за време на престојот порача дека САД ќе го поддржуваат Тајван со кој управува демократска власт, но и кој живее под постојана закана од инвазија од кинеската војска.

Пекинг, пак, кој го смета островот за своја територија се противи на какви било дипломатски контакти на тајванските власти со други држави.

Така и за посетата на Пелоси кинеските власти наведоа дека воените вежби се потребни и претставуваат легитимна мерка.

Воените вежби што ги започна Кина се најголемите насочени кон Тајван во последните 27 години односно од 1995 година. Тогаш кинеската војска лансираше ракети со кои го искажа своето незадоволство од посетата на тогашниот тајвански претседател Ли Тенг Хуи на САД.