Повеќе од два часа се исчекуваше рускиот претседател Владимир Путин да има јавно обраќање за војната со Украина, но не се појави.
Неизвесноста ја прекина еден клучните пропагандисти на Кремљ, новинарот Владимир Соловјов кој на Телеграм напиша: „Утре“. И рускиот медиум „Спутник“ објави дека обраќањето ќе биде утре.
Ова требаше да биде прво обраќање на Путин по 24 февруари, кога почна инвазијата на Украина, која тој ја нарекува „специјална операција“. Обраќањето сега се очекува утре во осум часот, а по Путин треба да се обрати и министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
Додека вечерва се исчекуваше обраќањето на рускиот претседател, се покренаа низа шпекулации за темата за која би говорел. Како можни теми во анализите на западните медиуми се спомнуваше дека тој ќе објави мобилизација на сите руски мажи, но и дека би можел да говори за најавените референдуми во окупираните украински територии и евентуална нивна анексија.
Во меѓувреме, лидерите на западните сили се огласија и ги осудија најавените референдуми во регионите на Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје.