„Најостро ја осудуваме руската инвазија на Украина. Го повикуваме претседателот (Владимир) Путин веднаш да ја прекине оваа војна и да ги повлече воените сили од Украина и ја повикуваме Белорусија да стави крај на соучесништвото, во согласност со Резолуцијата против агресијата врз Украина, усвоена на Генералното собрание на ОН од 2 март 2022 година“. Ова се наведува во денешната заедничка изјава на лидерите од земјите-членки на НАТО.
„Русија треба да ја почитува пресудата од 16 март на Меѓународниот суд на правдата на ОН и веднаш да ги прекине воените операции. Нападот на Русија врз Украина ја загрозува глобалната безбедност. Нејзиниот напад врз меѓународните норми го прави светот помалку безбеден. Ескалаторната реторика на претседателот Путин е неодговорна и дестабилизирачка“ – се оценува во заедничката изјава усвоена на вонредниот Самит на НАТО во Брисел.
Лидерите од НАТО земјите најостро ги осудија „разурнувачките напади врз цивили, вклучувајќи и жени и деца“, обврзувајќи се дека ќе соработуваат со остатокот од меѓународната заедница со цел да се изведат пред лицето на правдата одговорните за прекршувањето на меѓународните и хуманитарните закони, вклучувајќи и воени злосторства.
„Ние сме длабоко загрижени поради зголемениот ризик од сексуално насилство и трговија со луѓе. Ја повикуваме Русија да дозволи брз, безбеден и непречен хуманитарен пристап и безбеден премин за цивилите и да дозволи доставување хуманитарна помош до Мариупол и другите опколени градови“ – се посочува во Заедничката изјава.
На Самитот на НАТО лидерите ги осудија нападите врз цивилната инфраструктура, вклучително и оние кои ги загрозуваат нуклеарните централи.
„Ќе продолжиме да се спротивставуваме на лагите на Русија за нејзиниот напад врз Украина и ќе ги разоткриеме измислените наративи или операциите изведени под „лажно знаме“ за да го подготват теренот за понатамошна ескалација, вклучително и против цивилното население во Украина. Секоја употреба од страна на Русија на хемиско или биолошко оружје би била неприфатлива и би резултирала со тешки последици“ – потенцираат чидерите на членките на Алијансата.
Тие побараа Русија да покаже дека е сериозна кога се во прашање мировните преговори и веднаш да имплементира прекин на огнот.