По налог на ОЈО полиција влезе во Судски совет

МВР влезе во Судски совет и врши претреси. Според првичните информации, во моментов се прават контроли, а кои се поврзуваат со постапувањето на членовите во делот на предметите.

Полициски службеници по наредба на ОЈО Скопје постапуваат во Судски совет, потврдија за МИА од МВР.

Како што потенцираат од МВР, се обезбедуваат два записници за да се проверат евентуални елементи на кривично дело.

– Полициски службеници по наредба на ОЈО Скопје постапуваат во Судски совет, односно се обезбедуваат два записници за да се проверат евентуални елементи на кривично дело, велат од МВР.

Премиерот Христијан Мицкоски на 28 ноември од собраниската говорница, одговарајќи на пратенички прашања, рече дека континуирано добива информации за тоа што се случува во Судскиот совет.

– Таму има еден клан од двајца, еден од тројца, една е сама, добивам документи од свиркачи за фалсификувани записници со различни дати, различни печати, без потписи. И ако тоа не е основа за јавниот обвинител да влезе и да провери, не знам кој глас треба да допре до Обвинителството за да постапи, посочи Мицкоски.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева на 2 декември поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Советот, кој сега останува да функционира без претседател, откако изборот за нов претседател беше одложен.

Дамева, како причина за оставката, го наведе „немањето слух кај извршната и законодавната власт да се обезбеди брза и ефикасна правда, како и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери од власта“.