По изборите Вучиќ ќе се повлече од лидерската позиција во партијата

Александар Вучиќ – актуелниот претседател на Србија и кандидат на Српската напредна партија (СНС) за нов мандат на претседателските избори изјави дека по изборите ќе учествува во изборот на влада и дека потоа ќе поднесе оставка од раководството на партијата.

„Десет години на чело на партијата е долг период, тоа е период во кој СНС никаде нема изгубено, што е неверојатно и време е некој друг да и се посвети“ – изјави Вучиќ.

На прашање за притисокот врз Србија, тој кажа дека „ќе биде многу тешко кој и да победи на изборите“.

„Со неколку дена во Брисел и Вашингтон, претходниот месец во однос на надворешнополитичката перспектива, за мене беше најтешкиот месец. Се плашам дека по падот на Мариупол ќе дојдат уште потешки времиња. Ќе видиме, наше е да се бориме и да гледаме да го извлечеме најдоброто што можеме за нашата земја“ – кажа Вучиќ.

Во пресрет на изборниот молк што почнува вечерва на полноќ, Вучиќ порача дека Србија е силна и стабилна држава, фактор на мирот и стабилноста, земја на кранови, нови фабрики и нови работни места.