По експлозијата во Хавана 22 жртви и најмалку 70 повредени

Во силна експлозија во хотелот „Саратога“ во центарот на Хавана (Куба) загинаа најмалку 22 лица, а повеќе од 70 се повредени, објави кубанската државна телевизија.

Властите соопштија дека првичните резултати од истрагата покажуваат дека причина за вчерашната експлозија е истекување на гас.

„Сè укажува дека експлозијата била несреќен случај“ – изјави претседателот на Куба – Мигел Дијаз-Канел во телевизиско обраќање.

Според него, експлозијата не била предизвикана од бомба и нема индиции дека се работи за терористички напад.

Експлозијата се случила во близина на училиште со повеќе од 300 ученици, соопштија здравствените власти, а во неа се повредени најмалку 15 деца.

При несреќата хотелот бил затворен, а внатре во моментот биле само работниците кои работеле на неговото реновирање.