По грешка во БиХ стигнале 73 кг. кокаин меѓу пакети со шеќер?

Пратка од 73 килограми висококвалитетен кокаин, која во август беше откриена во фирма во Добој, најверојатно случајно залутал во БиХ, соопштија извори за „Српскаинфо“.

Според сознанијата, ова е само дел од кокаинот кој од Колумбија бил пренесен во Белгија.

Извор за српските медиуми вели дека полицијата во Белгија имала информации за овој транспорт и дека го пресретнала во пристаништето Васланд, каде полицијата запленила дури 734 килограми кокаин, кој бил скриен во пакувања со шеќер.

„Иако изгледа како да е филм, истрагата сепак покажа дека оваа дрога не била наменета за БиХ, па поради тоа никој не е уапсен. Откако работниците од Добој пријавиле во полиција дека пронашле кокаин во пакувања со шеќер, покрената е многу сериозна истрага“ велат оттаму.

Додаваат дека полицијата ги интервјуирала и ги истражила сите лица кои имале некаков контакт со овој транспорт, а досега е констатирано дека никој не е поврзан со кокаинот.

„Понатамошната истрага и меѓународната соработка доведоа до информации дека кокаинот од Добој е само мал дел од пратката што пристигнала од Колумбија во Белгија“ – објаснува изворот.

Откако кокаинот пристигнал во Белгија, дилерите кои го нарачале не успеале да го истоварат, бидејќи полицијата имала информации што превезуваат. Поради ова, неколку лица се уапсени во Белгија.

Белгиските медиуми објавија дека 734 килограми кокаин заплениле полицајци и цариници од Антверпен. Ги прегледале контејнерите во кои шеќерот пристигнал од Колумбија и пронашле дрога.

Во Добој стигнал шеќер на палети, а работниците на палетите го пронашле споменатиот кокаин.

Пакетите со шеќер пристигнале во БиХ на 2 август, а засега не е точно утврдено како дошло до овој пропуст кај цариниците и полицијата во Белгија.

За овој случај ќе продолжи натамошната истрага за да се утврди дали се работи за случаен пропуст или некој намерно дозволил кокаинот од Белгија да заврши во други земји.