По бурата Даниел, делови од Грција повторно поплавени од обилни врнежи

Годинава Грција се соочи со можеби најлошите природни катастрофи во изминатите неколку години – по пожарите и бурата Даниел која предизвика огромна штета, делови од земјата повторно се под вода поради нова бура.

Додека сè уште се справува со последиците од претходната катастрофа, Грција се соочи со уште една бура.

Во централниот дел на земјата имаше обилни врнежи од дожд кои предизвикаа поплави.

Градот Волос и островот Евија беа едни од полошо погодените места каде што имало и прекини на струја.

Поради поплавите, биле евакуирани барем осум грчки села, а многу патишта не се биле воопшто проодни.

На островот Евија многу луѓе останале заробени во нивните домови и се работело на нивна евакуација.

Силните врнежи започнале во среда (27.09), а поради опасноста што ја претставуваат, во погодените делови биле затворени и неколку училишта.

Бура со силни грмотевици имало и во Атина, а метеоролозите прогнозираат дека врнежите можат да се засилат во текот на денешниот ден (28.09).