За 245 илјади основци и средношколци денеска почнува новата учебна која ќе трае до 10 јуни. Според најавите, оваа учебна година учениците ќе ја почнат со навремено испорачани учебници кои уште денеска треба да им бидат поделени.
Оваа учебна година за основците и средношколците ќе го нема пролетниот распуст како што тоа беше случај минатата година.
Одлуката на министерството да го укине пролетниот распуст доаѓа од резултатите што ги добиле од спроведената анкета меѓу наставниците, родителите и учениците.
Мнозинството од анкетираните се изјасниле дека ваков распуст не е потребен.
Учебната година за сите ученици и од основното и од средното образование ќе трае до 10 јуни со исклучок на учениците од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 16 мај.
Зимскиот одмор за учениците започнува на 31 декември, а завршува на 19 јануари. Летниот пак, започнува на 11 јуни, а завршува на 31 август.
Оваа учебна година за неколку ученици ќе започне со онлајн настава. Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека станува збор за неколку училишта, каде, како што нагласи, претходното раководство не исполнило одредени свои обврски, како на пример ненавремено завршување на реконструкција или набавка на опрема – клупи и столчиња за учениците.
Во 140 училишта наставата ќе се одвива во една смена, а министерката вели дека се залагаат тоа да се воведе во сите училишта во државата.
Новата учебна година, како што рече Јаневска, ќе започне за 245 илјади ученици во основните и средните училишта, бројка што во последните седум години е намалена за 17 илјади, а за истиот период бројот на првачиња е намален за 3 500.
За седмо, осмо и деветтоодделенците оваа година имплементацијата на новата концепција за основно образование е одложена, првенствено поради револтот на наставниците околу интегрирањето на предметите и губењето на нивната основна суштина, како и збунетоста кај учениците од материјата која им се предавала.
Во новата учебна година во редовните основни училишта ќе бидат ангажирани над 1 000 образовни асистенти кои ќе помогнат во унапредување на воспитно – образовниот процес на учениците со попреченост и ќе им помагаат во секојдневното извршување на училишните обврски. Образовните асистенти се ангажираат преку основните училишта со ресурсни центри, а согласно барањата на родителите и старателите на учениците со попреченост.