
Судски процес против српскиот министер за култура Никола Селаковиќ, заедно со уште тројца државни службеници, треба да почне денеска пред Специјалниот суд во Белград. Тој е обвинет за сочинување документ со лажна содржина преку низа незаконски дејствија што им послужиле на властите да ја отстранат заштитата на зградата на Генералштабот, оштетена во бомбардирањето на НАТО, како културно богатство и да донесат lex specialis.
Тоа е прв случај на судење министер во Србија во изминатите 30 години.
Освен Селаковиќ, Обвинителството за организиран криминал (ТОК) ги товари директорот на Републичкиот завод за заштита на спомениците, Горан Васиќ, директорот на таквата градска институција, Александар Ивановиќ, и секретарката на Министерството за култура, Славица Јелача, за злоупотреба на службената должност и фалсификување службен документ во 2024 година.
Како што се тврди во обвинението, прекршувајќи ја постапката, тие ги заобиколиле експертите од Републичкиот завод и Секторот за заштита на културното наследство во Министерството за култура, и до владата испратиле лажен предлог за одлука за престанок на статусот на културно добро на зградата на Генералштабот, по што во српскиот парламент беше донесен посебен закон.
Со тоа на владата и се овозможува да ја урне зградата и да изгради луксузен комплекс на таа површина, како што е предвидено со договорот потпишан од министерот за градежништво Горан Весиќ и компанијата на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, но таа компанија се откажа поради јавни протести во Србија.
Претседателот на државата Александар Вучиќ се придружи на одбраната на Селаковиќ надвор од судницата, барајќи од обвинителството да поднесе обвинение против него, наведувајќи дека тој бил мозокот за случајот со уривање на Генералштабот, со најава дека ќе ги помилува сите обвинети.