Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува денеска и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК). Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Претстојните претседателски избори ќе бидат со најмногу кандидати, вкупно девет.
Додека битката во македонскиот политички блок ќе ја водат старо-новите кандидати Пендаровски и Силјановска-Давкова, во албанскиот блок ќе се судрат двајца лекари – Бујар Османи од ДУИ и Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“.
Во трката за претседател на државата се вклучуваат претседателот на ГРОМ Стевче Јакимовски, универзитетската професорка Билјана Ванковска, која е поддржана од Левица, потоа Мерсиха Смаиловиќ од Бошњачкиот демократски сојуз, Максим Димитриевски од ЗНАМ и лекарот Вело Марковски. Досега, за претседателските избори имало најмногу седум кандидати – на изборите во 2009 година.
Собирањето потписи ќе се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Постапката што почнува денеска трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени, од 8 до 20 часот, додека последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот.
Иницијативата за собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател и пратеници се поведува со поднесување на известување и изјава до ДИК од страна на предложениот кандидат, односно лицето овластено од негова страна со генерално известување заверено на нотар.
Листите со кандидати за претседател на државата треба да се достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ, додека листите листата со кандидати за пратеници треба да се достави најдоцна до 2 април, на полноќ. Претседателските избори се закажани за 24 април, додека вториот круг од изборите е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.