Почнува саемот „Винска визија на Отворен Балкан“

Под покровителство на владите на Србија, Северна Македонија и Албанија од денеска до 4 септември во Белград ќе се одржува Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ организиран во рамки на Иницијативата Отворен Балкан.

Саемот ќе биде официјално отворен во 13 часот на Белградскиот саем во Хала 1, во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и албанскиот премиер Еди Рама.

Учество на Саемот најавиле преку 332 учесници од 22 земји од кои 160 се изложувачи од Србија, 26 од Албанија и 47 од Северна Македонија. Покрај од државите-членки на Отворен Балкан, се очекуваат и изложувачи од Хрватска, БиХ, Црна Гора, Франција, Чиле, Аргентина, Италија, Романија, Молдавија, Јужна Африка,…

На Саемот ќе има купувачи од ЕУ, САД, Кина и од источните земји. Вкупно 300 метри квадратни се резервирани за туризмот.

Покрај саемскиот, промотивен дел, на кој посетителите ќе имаат можност да дегустираат храна, врвни вина и да се запознаат со туристичките потенцијали и понуди, предвиден е и политички дел – самит на лидерите на земјите членки на Отворен Балкан. На самитот, кој според Програмата треба да се одржи утре во Палатата Србија, покрај планираните панел дискусии се очекува да бидат потпишани и три документи за соработка во областа на храната, културата и цивилната заштита. На самитот е најавено присуство и на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, на претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, како и на министрите за надворешни работи на Унгарија и Турција, Петер Сијарто и Мевлут Чавушоглу. По самитот, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите Ковачесвки и Рама ќе одржат заедничка прес-конференција.

Северна Македонија на Саемот во Белград ќе се претстави под слоганот „Вкуси го животот”, со 42 винарии, три дестилерии и десетина производители на храна. Промовирани ќе бидат македонската автентична кујна и преку 300 различни вина и ракии. Организирана ќе биде и Македонска вечер на која ќе се презентира македонската економија преку вината, храната, музиката и туризмот, чиј домаќин ќе биде премиерот Ковачевски.

Гостите ќе може да уживаат во настапот на виртуозот Влатко Стефановски.