Во Вишиот суд во Белград денеска треба да почне граѓанската постапка по втората тужба против семејството Кецмановиќ, чиј син на 3 мај уби девет врсници и училишниот чувар во ОУ „Владислав Рибникар“. Оваа тужба е поднесена од членовите на семејството на едно од убиените девојчиња, во која покрај семејството Кечмановиќ се тужи и училиштето во кое е извршен масакрот.
Неодамна почна граѓанската постапка за тужбата во која учествуваат 27 семејства. Во таа парница прелиминарното рочиште е завршено и главната расправа е закажана за крајот на декември.
Судот ќе одлучи по тужбеното барање и дури по завршувањето на граѓанската постапка ќе донесе одлука дали целосно или делумно ќе го прифати барањето на семејствата, или евентуално ќе го одбие.
Тужбата е поднесена во граѓанска постапка за надомест на нематеријална штета за претрпена душевна болка поради смрт на блиско лице, како и за претрпен страв. Со оваа тужба се бара и паричен ануитет, односно идна исплата на одредена сума пари од денот на пресудата до издржување на условите за истата – на име идна нематеријална штета за претрпена душевна болка поради смрт на блиско лице.
Судот претходно во однос на таткото на момчето определи привремени мерки за забрана на располагање и отуѓување имот во кривичната постапка против него, а против мајката во граѓанската постапка.