Од денеска до четврток во Вашингтон се одржува самитот на НАТО по повод одбележување на 75 години од формирањето на воената алијанса.
Главни теми на годинашниот НАТО-самит се обезбедување сигурна и стабилна поддршка за Украина, плановите за одвраќање на членките на Пактот и зајакнување на одбранбената индустрија и инвестициите и зацврстувањето на глобалните партнерства.
На самитот учество зема и македонска државна делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Во составот на делегацијата се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
На маргините на самитот, како што изјави премиерот, предвидени се бројни билатерални средби.
Од Владата засега нема официјална потврда дали премиерот ќе одржи состанок со својот грчки колега Киријакос Мицотакиц која би била прва по острите реакции на Атина за употребата на името на државата од државниот врв во земјава. Од партијата на Мицкоски соопштија дека засега нема информации за евентуална билатерална средба со Мицотакис, но посочија оти меѓународните собири се места каде што се спроведува современата дипломатија.
Портпаролот на грчката влада, пак, вчера изјави дека не е предвидено да се одржи средба меѓу премиерите Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис.