Почнува комисиската седница за уставните измени: Ковачевски ќе го образложи предлогот, ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против

Денес, на дневниот ред, на седницата на Комисијата за уставни прашања, во Собранието ќе биде предлогот за пристапување кон измена на Уставот, со што почнува процедурата за уставните измени.

Како што се очекува, по усвојувањето на дневниот ред, предлогот пред пратениците би требало да го образложи премиерот Димитар Ковачевски.

Сепак, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и вчера повтори дека нивниот став е јасен – нема поддршка за уставните измени, ниту на собраниска седница ниту на собраниска комисија. Мицкоски рече дека пратениците од оваа партија ќе бидат во парламентот и ќе гласаат против.

„Ќе бидеме таму присутни и кога точката ќе биде ставена на дневен ред, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против. Така ќе биде и на самата седница кога овие уставни измени, предвидени според Комисијата за уставни измени, предводена од Цаца Николовска, се доставени во парламентот“, рече Мицкоски.

За да се донесе одлуката за уставни измени, потребно е двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според Деловникот, дебатата за уставните измени може да трае десет работни дена.

Уставните измени се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во земјава. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ.

Владата смета дека пред граѓаните и државата е неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година.

Уставните измени со вклучување на бугарскиот народ се обврска која беше преземена од Македонија за продолжување на преговорите со Европската Унија.