Комисијата за заразни болести на денешниот состанок ги разгледа заклучоците од Националната комисија за имунизација, во врска со почеток на вакцинација со четврта доза на вакцина против Ковид-19.
Четврта доза може да примат лицата над 18-годишна возраст, кои примиле три дози вакцина против Ковид-19. Граѓаните од денес можат да се обратат во вакциналните пунктови, за што не е потребно закажување.
Вакцинацијата со четврта доза е предвидено да се спроведува со мРНА вакцина на „Фајзер“ или „Модерна“. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци.
Вакцинацијата со четврта доза посебно се препорачува кај хронично болни, пациенти на дијализа, трансплантирани, онколошки пациенти, имунокомпромитирани и пациенти кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација и кај лица над 60 години.