Почна увидот во опожарената фабрика „Макпрогрес“ Виница

- Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани го започна увидот по настанатиот пожар во фабриката „Макпрогрес-Винчини” во Виница. Увидните дејствија ќе продолжат и следните денови, бидејќи во дел од магацините за суровини и готови производи се уште има жаришта кои тлеат. Поставени се противпожарни возила за заштита на плинската станица која не беше зафатена од огнот, информираат од Обвинителството.

Државното обвинителство денеска соопшти дека е почнат увидот во фабриката „Макпрогрес“ Виница каде во пожар изгореа производствен погон и две магацински простории.

– Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани го започна увидот по настанатиот пожар во фабриката „Макпрогрес-Винчини” во Виница. Увидните дејствија ќе продолжат и следните денови, бидејќи во дел од магацините за суровини и готови производи се уште има жаришта кои тлеат. Поставени се противпожарни возила за заштита на плинската станица која не беше зафатена од огнот, информираат од Обвинителството.

Во текот на утрешниот ден на увид на лице место е повикано и вешто лице – електроинженер, а во меѓувреме, обезбедени се снимки од видео надзорот и се преземаат други дејствија за испитување на настанот.

По гаснењето на пожарот, јавен обвинител бил на лице место во фабриката „Макпрогрес“, но увидот не можеше да се почне затоа што пожарот не беше во целост изгаснат.

Пожарот во фабриката за кондиторски производи и вафли избувна во саботата околу 18 часот. Покрај пожарникарите од Виница, во гаснењето беа вклучени и пожарникари од неколку соседни општини. Повредени беа 18 лица, од кои 13 хоспитализирани.

Менаџментот на компанијата преку соопштение до јавноста им се заблагодари на сите кои учествуваа во гаснењето на пожарот и порачаа дека фабриката ќе биде обновена, а вработените кои физички ги изгубиле работните места, ќе бидат задржани.

– Фабриката Винчини ќе ја обновиме, имаме кадар и знаење за тоа. И тоа пак во Виница. Но потребно ни е време за тоа, време во кое ќе мораме да направиме план за консолидација на производните линии кои останаа во функција, а со крајна цел сите вработени кои физички ги изгубија своите работните позиции да ги прераспоредиме на други производни линии и да успееме да ги задржиме сите вработени на работа, се наведува во соопштението.