Уставниот суд денеска ја започна 32-та седница на која меѓу точките на дневен ред се и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот.
На седницата не се присутни судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, како што беше најавено и претходно.
Надвор може да се забележи зголемено присуство на полицијата.
Инаку, ДУИ во пресрет на расправата започна со „стража за јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд, со што велат, застануваат во „одбрана на Законот за јазици“.
Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Светскиот македонски конгрес, Солза Грчева, Тања Каракамишева-Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазески, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски. Уставниот суд го сочинуваат девет судии од кои шестмина се Македонци, а тројца се од помалите етнички заедници – двајца Албанци и еден Турчин.