Матурантите од средните училишта во земјава денеска го полагаат првиот испит од овогодишната државна матура. Се полага мајчин јазик и литература (македонски, албански, турски) – првиот од двата екстерни испита, кој е задолжителен за сите матуранти.
За полагање на завршниот испит во јунската испитна сесија, според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ) се пријавиле 15 620 матуранти од кои 6 750 се од гимназиско образование, 8 598 од средно стручно образование и 272 од средно уметничко образование.
Полагањето на вториот екстерен испит од матурата е закажан за 10 јуни. Тој е изборен и матурантите имаа можност да избираат меѓу седум предмети.
Најмногу пријавени – 13 922 – има за испитот по Англиски јазик, за Математика се пријавени 1 397 ученици, Француски јазик ќе полагаат 29 матуранти, Германски јазик – 122 ученици, за полагање на Руски јазик се пријавиле 17 средношколци, Естетика ќе полагаат 81 ученик, а Филозофија избрале седум матуранти.
Одржувањето на годинашната државна матура до неодамна беше во неизвесност поради штрајкот на вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ). Тие од надлежните бараа покачување на платите, односно нивно услогласување со минималецот, но порачаа дека средбите со владините претставници по однос на ова прашање не вродиле со плод.
Министерството за образование и наука (МОН), пак, инсистираше полагањето на државната матура да биде според предвидените рокови и порача дека доколку ДИЦ е во штрајк, Министерството ќе испрати свои вработени да го спроведат целиот процес.
По ваквите најави од МОН, Државниот испитен центар го стави штрајкот во мирување, со образложение дека нема да дозволи внес на надворешни лица во процесот на државната матура и да ги доведе во прашање валидноста и резултатите на тестирањето.
Пред штрајкот на ДИЦ, пак, дел од матурантите во неколку наврати протестираа пред Министерството за образование и наука, барајќи од надлежните олеснување на полагањето на државната матура, зашто, како што наведоа, тие се најоштетената генерација која ниту една учебна година не поминала без некаков прекин.
Сојузот на средношколци потоа официјално излезе со конкретни барања до МОН и до Владата во врска со олеснето полагање на матурата, а Министерството за образование прифати поголем дел од нив.
МОН го прифати барањето на Сојузот за намалување на обемот, односно бројот на прашања на тестот по мајчин јазик, кој ќе носи од 60 до до 80 поени, а не како досега од 80 до 100 поени.
Покрај ова, прифатени беа барањата за промена на соодносот на поените што ги носат екстерните и интерните испити од државната матура при уписот на факултет, а првиот екстерен испит – мајчин јазик – да се смета за соодветен на сите студиски програми.
МОН и Сојузот на средношколци договорија и наставниците да ги споделат банките со прашања за интерните предмети најдоцна четири недели пред испитот, при што банките да содржат трипати поголем број прашања од бројот на прашања на испитот.
Матурантите што нема да ја положат матурата во јуни, ќе може да полагаат во августовската испитна сесија – на 9 и 11 август.