Денеска кај Прилеп машините на „Бехтел и Енка“ го означија почетокот на изградбата на автопатот Прилеп – Битола кој ќе биде во должина од 39,4 километри, а според првичните пресметки ќе чини 260 милиони евра.
На свеченоста пред присутните гости, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека „парите на граѓаните ги вложуваме во нивната иднина, во безбедни патишта, квалитетна инфраструктура и подобри, конкурентни работни места“.
– Инвестираме во капитални проекти од историска важност. Не само што ги поврзуваме градовите и регионите, туку ја поврзуваме и државата со околните земји и светот преку модерна инфраструктура која ќе привлече многу странски туристи и инвеститори. Прв пат по 30 години преку модерна инфраструктура се поврзуваме со Исток и Запад, со нови пристаништа во Драч и во Бургаз и ги зајакануваме транспротните врски во регионот, а придобивки ќе имаат граѓаните, економијата и државите што ги поврзува овој коридор – порача Ковачевски.
Тој напомена дека со оваа инвестиција Македонија од кружен тек ќе стане вистинска крстосница на Балканот. – Ја позиционираме земјава на економската и инфраструктурната карта на Европа, напомена Ковачевски.
Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби порача дека е дојден крајот на заложништвото на иднината на граѓаните и на блокадата на европското интегрирање на државата. -Подгответе се и качете се сите на овој воз што вози кон Брисел кој нема никој да го сопре, рече Груби облечен во бела маичка со бројот „10“ која ја означува коридорот 10.
– Фактот дека сите министри и апсолутното мнозинство на пратениците стојат зад овој проект, е најголема гаранција за сите граѓани дека ниту Мицкоски, ниту Свети Мицко ќе може да го запре овој прект. Овој проект продолжува и сите влади, а следната ќе биде истата како денес, ќе го заврши овој проект и ќе ги пресече лентите – рече Груби.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски потенцираше дека ова е можност за ангажирање на домашната градежна оператива, што значи нови вработувања и посебно развој на градежната дејност. – Знам колку оваа автопатска делница е приоритетна за Прилеп, за Крушево, за Битола, Могила, Новаци, Ресен и за сите останати од Пелагонија кои живеат или транзитираат од тука – подвлече министерот.