Во Владата попладнево претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) имаа средба во Владата со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска за исполнување на три барања: линеарно зголемување на платите за 2.806 денари за секој вработен во јавниот сектор, утврдување регрес или К-15 во износ од 30 до 100 проценти од просечната плата и методологија за усогласувње на сите останати плати согласно порастот на минималната плата.
Претседателот на ССМ – Дарко Димовски по средбата изјави дека има позитивни сигнали и дека тоа што го бараат од Владата како социјален партнер е издржано, аргументирано и солидарно.
„Бараме линеарно зголемување од 2.806 денари за целиот јавен сектор, вклучително и за образованието, регрес за јавниот сектор, утврдување на тоа право што го изгубиме пред некоја деценија, но и методологија за усогласување на порастот на минималната плата со сите останати плати во државата. Ние стоиме на нашите барања, немаме отстапки од тоа што го бараме, позициите ни се јасни и доколку се договориме, договорот ќе биде на задоволство на сите работници. Јавниот сектор ги опфаќа управните органи, армијата, полицијата, здравствените работници, образовнието итн. да не ги набројувам. Сметаме дека овој проблем треба да се реши во интерес на целиот јавен сектор. Линеарното зголемување е во знак на солидарност или, како што велам јас – од чистачката до претседателот на држвата да земеме сите линеарно по 2 806 денари“ – рече Димовски.
Тој посочи дека согласно Законот, од септември ќе бараат примена на колективните договори.