Почина Никола Проески, татко на нашиот познат пејач Тоше Проески.
Веста за неговото заминување денеска на социјалните мрежи ја објави Дора, неговата ќерка. Таа со фотографијата на која се Никола и Тоше се прости од својот татко.
„Светол патот, татко мој“, напиша таа кратко.
Родителите на Тоше, кој почина пред 16 години во сообраќајна несреќа во Хрватска, Доминика и Никола, живееа повлечен живот по смртта на нивниот син и не се појавуваа во јавност.
Додека беше жив, Тоше секогаш покажуваше колку е горд на своето семејство, а во една пригода раскажа:
„Низ годините, јас научив да се однесувам како некои луѓе што ми помагаа кога моето семејство беше сиромашно. Се трудам да им помагам на сите блиски колку што можам, дури и на оние што не ми се ништо. Затоа сум амбасадор на УНИЦЕФ. Живеам одлично, како и порано, и повеќе од тоа не ми треба. Јас бев најсреќен кога му купив автомобил на татко ми. Се вратив од турнеја и не купив за себе, туку купив за него!“, изјавил Тоше.