Почина поранешната директорка на YouTube
Поранешната извршна директорка на YouTube, Сузан Воџиски, почина на 57-годишна возраст, соопшти денеска извршниот директор на Google – Сундар Пичаи.
„Крајно сум тажен поради загубата на мојата драга пријателка Сузан Воџиски, по двегодишна битка со ракот. Таа беше нераскинлив дел од историјата на Google и тешко е да се замисли свет без неа. Неверојатна личност, лидер и пријател, која имаше големо влијание врз светот и јас сум еден од многуте луѓе во Google кои станаа подобри кога ја познаваа. Многу ќе ни недостига. Нашите мисли се со нејзиното семејство, почивај во мир, Сузан“, напиша Пичаи на платформата X.
Воџиски почина на 9 август.
Покрај тоа што беше извршен директор на YouTube (2014-2023), таа имаше голема улога во создавањето на Google во 1998 година.
Во мај оваа година нејзиното богатство според Форбс се проценува на околу 800 милиони долари.