Почина познатиот бразилски фудбалер и тренер Марио Загало

Легендарниот бразилски фудбалер и тренер Марио Загало почина денеска на 92-годишна возраст, јавува BBC.

Во својата кариера, Загало ги освои Светските првенства во 1958 и 1962 година како играч, додека како тренер ја предводеше екипата од 1970 година со Пеле, Жаиржињо и Ривелињо до нов трофеј на Светското првенство.

Како технички директор, тој беше дел од репрезентацијата во 1994 година кога Бразил ја освои титулата во Соединетите Американски Држави. Беше селектор на репрезентацијата во 1998 година во Франција, кога Бразил во финалето загуби од домаќинот.

Во текот на својата играчка кариера настапуваше за Фламенго и Ботафого, а како тренер работеше за Ботафого, Флуминенсе, Фламенго, Ал Хилал, Васко де Гама и селекциите на Саудиска Арабија, Кувајт и ОАЕ.