Почина Шинед О’Конор, ирската кантавторка на хитот „Ништо не се споредува со тебе“ (Nothing Compares 2 U), објави „Ајриш тајмс“. Имаше 56 години. О’Конор, која отворено зборуваше за нејзината децениска борба со менталната болест, на почетокот на овој месец напиша на својата фејсбук страница дека се вратила во Лондон по 23 години и го завршува албумот што треба да биде објавен следната година. Таа ги сподели и плановите за турнеја во Австралија и Нов Зеланд во 2024, а во Европа, САД и други територии во 2025.
Нејзиниот 17-годишeн син Шејн почина минатата година, неколку дена откако беше пријавен за исчезнат. Пишувајќи на социјалните мрежи по неговата смрт, таа рече дека тој „одлучил да ја прекине својата земна борба“ и побара „никој да не го следи неговиот пример“.
О’Кoнор се преобрати во ислам во 2018, го смени името во Шухада, но продолжи да настапува под нејзиното родено име.
О’Конор имала тешко детство по разделбата на нејзините родители кога имала осум години. Пејачката уште од рана возраст тврдела дека нејзината мајка, со која живеела по разделбата, физички ја малтретирала, поради што О’Конор подоцна стана гласен застапик на малтретирани деца. На 15 години, О’Конор помина осумнаесет месеци во манастир поради измами и кражба во продавница. Сепак, уште на рана возраст, О’Конор покажала музички талент и снимила демо со четири песни, а подоцна формирала бенд, го напуштила училиштето и се преселила во Даблин.
Кариерата на О’Конор напредуваше откако почна да работи со поранешната соработничка на Ју-Ту, Фахтна О’Села, и постигна успех со објавувањето на деби албум „Лавот и кобрата“ (The Lion and the Cobra) во 1987, кој ѝ донесе номинација за Греми за најдобра пејачка. Нејзиниот меѓународен пробив дојде со објавувањето на втор албум, „Не сакам што немам“ (I Do Not Want What I Haven’t Got), во кој беше и нејзиниот нов аранжман на О’Конор на „Ништо не се споредува со тебе“, песна оригинално напишана од Принц и објавена на негов спореден проект, „Фамилијата“. Песната стигна до број 1 во неколку земји, а остана на прво место во Ирска 11 недели. Песната ѝ донесе номинација за Греми за плоча на годината, како и уште една најдобра пејачка. Албумот ѝ донесе Греми за најдобра алтернативна музика.
Таа се појави и како Богородица во филмот „Момчето касап“ на Нил Џордан од 1997. О’Конор објави уште осум албуми и беше номинирана за Греми награда за најдобро музичко видео, долга форма за нејзиниот концерт во живо „Година на коњот“ во 1990. Нејзината песна „Глад“ (Famine) од 1996 доби награда за Греми за најдобро музичко видео, кратка форма. Во 2012, песната „Спупти ја главата“ (Lay Your Head Down), која ја изведе за саундтракот на филмот „Алберт Нобс“, доби номинација за Златен глобус за најдобра оригинална песна.
Во текот на кариерата, О’Конор имаше неколку контроверзии. Во 1993, ја искина сликата на папата на парчиња додека ја пееше акапела верзијата на „Војна“ на Боб Марли на „Saturday Night Live“ како протест против сексуалната злоупотреба во црквата, поради што Ен-Би-Си прими над 4.400 поплаки.