Македонскиот ракометен тренер Андон Бошковски ненадејно почина утрово на 47 годишна возраст.
Бошковски поголемиот дел од својата тренерска кариера ја мина на клупите на македонските суперлигаши, а во неколку наврати беше дел и од националниот тим.
Тренерската кариера ја започна во Работнички. Во 2004 година премина во Металург. Со тимот од Автокоманда ја освои Суперлигата и учествуваше во Лигата на шампионите, пред да се пресели во Богданци. Потоа се врати во Металург каде што беше до 2011 година.
Следуваше трансфер во Вардар, а во 2015 година повторно беше назначен за тренер на Работнички.
Бошковски имаше кратко меѓународно искуство како тренер женскиот ракометен клуб од Романија, ЦСМ Роман во 2016 година, пред да се врати во Македонија како тренер на РК Еурофарм Работник.
Беше селектор и на Грузија, а ги водеше и екипите на Струга, Голден Арт, Радовиш и Пролет.
Негов последен клуб е косовски Вучитрн.
Во периодот од 2008 до 2013 година беше дел од стручниот штаб на македонската ракометна репрезентација.