Почина Лиза Мари Присли, ќерката на легендарниот Елвис Присли

Пејачката и единствената ќерка на Елвис и Присила Присли, Лиза Мари Присли почина на 54-годишна возраст, откако вчера беше итно хоспитализирана, пишува „Гардијан“.

Нејзината 77-годишна мајка ја потврди оваа вест.

„Со тешко срце морам да ја споделам тажната вест дека мојата прекрасна ќерка Лиза Мари нѐ напушти.

Таа беше најстрасната, најсилната и најсаканата жена што некогаш сум ја познавала. Бараме приватност додека се обидуваме да се справиме со оваа длабока загуба.

Ви благодариме за љубовта и молитвите. Засега нема да има дополнителни коментари“, изјави Присила Присли во соопштение до јавноста.

Лиза Мари Присли беше хоспитализирана поради срцев удар во текот на вчерашниот ден, објави „Ти-ем-зи“.

Два дена пред да биде хоспитализирана, таа се појави на годинашното доделување на филмските награди Златен глобус, заедно со повеќе членови на нејзиното семејство. Тие беа присутни на настанот како поддршка за режисерот Баз Лурман, кој го сними биографскиот филм за Елвис Присли – „Elvis“.

Актерот Остин Батлер, кој ја одигра улогата на Елвис Присли, ја освои наградата во категоријата „Најдобар актер во филм од жанрот драма“.

„Навистина не знаев што да правам со себе откако го изгледав. Ми требаа отприлика пет дена за да го испроцесирам бидејќи беше толку одличен, толку точен и толку автентичен“, изјави Лиза Мари Присли за филмот „Elvis“.