Рок гитаристот Џеф Бек почина на 78 години. На неговиот профил на Твитер беше објавено дека починал откако неодамна фатил бактериски менингитис.
Британскиот музичар беше член на „Јардбирдс“, пред да формира своја сопствена група со Род Стјуарт.
„Светот го изгуби еден од најголемите гитаристи на сите времиња“, изјави Мик Џегер.
Бек се вљубил во рокенролот уште како дете и првата гитара ја добил како тинејџер. Тој се придружи на „Јардбирдс“ во 1965 како замена за Ерик Клептон. Таму се задржа две години, по што формираше своја сопствена група, чии први два жестоки албума ги поставија темелите на хеви металот. По заминувањето на пејачот Род Стјуарт и басистот Рони Вуд, Бек се врати со успешни инструментални албуми.
Во 1980-ите соработуваше со имиња како Најл Роџерс, Род Стјуарт, Мик Џегер и Роџер Вотерс, а од крајот на 1990-ите повторно почна да снима соло албуми, по што ја освои четвртата Греми награда.
Последниот албум го објави минатата година заедно со Џони Деп.