Почина кралот на ромската музика Ферус Мустафов

По кратко боледување, синоќа почина музичарот Ферус Мустафов (72), кој беше познат како крал на ромската музика.

Веста за неговата смрт ја потврдила сопругата Јелена во разговор со порталот „ММС“:

„Починал ноќеска, нам лошите вести утрово нѝ ги кажаа. Скршени сме од болка, сите се надевавме дека ќе оздрави и ќе нѝ се врати, но за жал нѝ замина. Пред некој ден нѝ рекоа дека малку е подобар и затоа се надевавме дека сепак сè ќе биде во ред“, изјавила сопругата на Ферус низ солзи.

Таа открила дека погребот ќе се одржи во Штип.

„Многупати досега кажал дека кога ќе дојде судниот ден сака да биде погребан во Штип. Тоа е негова последна желба и ќе му ја исполниме. Не можам да верувам дека нѝ замина. Секогаш беше силен, мислевме дека и сега ќе го надмине здравствениот проблем, ама толку било“, вели Јелена за „ММС“.

Ферус доживеал мозочен удар на 26-ти април и оттогаш престојувал во болницата „8 Септември“. Неговиот внук тогаш изјави дека на почетокот бил добар, но потоа му се влошила состојбата и го ставиле во вештачка кома.