Иако беа собрани парите за лекување во Турција, Кико од Долни Балван почина. Не издржа да замине за странство да се лекува од ретката болест од која боледуваше.
Неговата здраствена состојба наеднаш се влоши пред два дена кога во приватна болница му откажа дишењето и беше ставен на апарати.
Иако после неколку часа се почувствува подобро, сепак неговото срце не издржа.
Претходно докторите одбиваа да потпишат трансфер за момчето со медицински авион, бидејќи, сметаа дека нема да го издржи патот.
„Те засакав како помал брат, ова е најтешкиот ден во мојот живот.. Се дадовме за тебе, се бореше до крај како вистински победник, но за жал не успеа. Многу те сакам, многу ќе ми фалиш братче мое. Еден ден ќе се сретнеме и ќе си кажеме за многу работи кои останаа недокажани. Ти ме научи што значи да сакаш да живееш… Почивај во мир Кико“, напиша на социјалните мрежи јутјуберот Стефан Лазаров.
Дваесетгодишното момче Кико имаше ретка и тешка болест, Атаксија-телеангиектазија, која брзо прогресира и за кратко време доведува до сериозна состојба. Откако му се влоши здравствена состојба беше сместен во приватна болница во Скопје.